Monday, January 4, 2016

OhridNews.com :: Охриѓани бараат референдум за изградбата на експресниот пат, ски центарот и туристичките зони во НП Галичица!

OhridNews.com :: Охриѓани бараат референдум за изградбата на експресниот пат, ски центарот и туристичките зони во НП Галичица!



Охриѓани да се изјаснат на референдум за најавените развојни проекти на владата кои таа планира да се реализираат во заштитените зони на Националниот парк Галичица. Ова беше предложено на јавната расправа по однос на ревидираниот извештај за стратегиска оцена на влијание врз животната средина на предлог измените на Планот за управување со националниот парк Галичица, што се одржа денеска во просториите на јавната установа.


-Недозволиво е судбината на националниот парк Галичица да се одлучува помеѓу два празника, Нова година и Божик.- рекоа дел од присутните, упатувајќи забелешки и за законитоста на целата постапка.


-Денеска е работен ден. -појаснија организаторите на јавната расправа.




Екологистите, планинарските здруженија, спортските клубови и невладините организации жестоко ги критикуваа плановите за изградба на експресен пат од Охрид до Св. Наум, ски центар на Галичица и туристички развојни зони во Стење, Отешево и Љубаништа. Според нив наместо развој, како што се најавува, реализацијата на овие проекти ќе уништи големи површини шуми и природни живеалишта на ендемски видови флора и фауна. Тие посочија дека не се за конзервација на просторот, но развојот, вклучително и на туризмот на Галичица, не смее да се темели на проекти кои, како што беше кажано, се деструктивни.




Според нив експресниот пат покрај тоа што ќе уништи десетици хектари шума, негативно ќе влијае на живиот свет и претставува еколошка закана за природата, а нејасна е и економската оправданост на проектот. Тие сметаат дека е потребно да се изнајдат алтернативни решенија за превоз. Критики упатија и за проектот за изградба на ски центар посочувајќи дека просторот на кој тој е планиран не одговара на стандардите. Тие посочија дека подобро е Охрид да го развива алтернативниот турузим, со што ќе се заштити природата, додавајќи дека најавените проекти директно го загрозуваат развојот на алтернативниот туризам. За туристичките развојни зони го повторија ставот дека загрозуваат значајни природни и културни вредности, што е нотирано и во ревидираната студија за оцена на влијание врз животната средина на предлог измените на Планот за управување со националниот парк Галичица.


-Од каде овие проекти испаднаа најдобри за развој на туризмот, а немате изработена студија за развој на туризам.- запрашаа екологистите.




Д-р Борка Ковачевиќ, експерт на Градежен институт Македонија, кој изврши ревизија на извештајот за стратегиска оцена на влијание на животната средина на предлог измените на Планот за управување со националниот парк Галичица, ги образложи измените од првичната верзија, кои во најголем дел се однесуваат на мерки за компензација, односно ублажување на негативните последици кои би настанале со евентуална реализација на најавените владини проекти на Галичица, а кои не беа содржани во првиот извештај кој беше повлечен во мај 2015 година за да се дополни и доработи.


Таа појасни дека со евентуална реализација на најавените проекти се зафаќаат 604 хектари од паркот, кои би можеле да се компензираат со низа мерки и проширување на зоната на активно управување нагоре со што националниот парк би добил 854 хектари, односно повеќе одошто би загубил. Сепак дел од најавените проекти не можат да се компензираат и не би требало да се реализираат бидејќи неповратно би се уништиле значајни природни реткости, рече Ковачевиќ.


-Такви делови се туристичката развојна зона Љубаништа 3 која ги опфаќа изворите во Свети Наум и тој проект не би требало да се развива, како и зоната во Стење која го загрозува Стењско блато.-појасни Ковачевиќ.




На ревизијата на извештајот за стратегиска оцена на влијанието на животната средина на предлог измените на планот за управување на Националниот парк Галичица одобрени од Управниот одбор на установата, на предлог на ЕБОР која треба да ја финансира изградбата на експресниот пат од Охрид до Св. Наум, работеше странската консултантска куќа „Цитрус и партенри“ од Лондон, во која како македонски експерт е вклучен професорот Светозар Петковски. Тој на јавната расправа истакна дека во ревидираната студија внимателно биле анализирани сите аспекти за заштита на ендемските видови флора и фауна, а предвид бил земен и фактот што 74 проценти од паркот е светско природно наследство заштитено од Унеско. Петковски посочи дека при изградбата на експресниот пат во пределите кои се природни коридори за животните кои оттука слегуваат кон Охридското Езеро по во вода и се враќаат назад, предвидена е изградба на тунели за да не се загрози опстанокот на животинскиот свет.


Од Националниот парк Галичица истакнаа дека измените на планот за управување со паркот се иницирани од владата. Одговарајќи на бројните забелешки на јавната расправа, оттаму посочија дека во најголем дел изворите на приход за непречено функционирање на установата се обезбедуваат преку сеча на шума и дека паркот нема капацитети за развој на алтернативен и други видови туризам, а единствен начин тоа да се промени наместо самостојно, според нив, е парковите да се финансираат од буџетот на државата.


Рокот до кој заинтересираните субјекти и јавноста можат да упатуваат писмени забелешки по однос на ревидираниот извештај за оцена на влијание на животната средина на предлог измените на планот за управување со националниот парк Галичица истекува на 11-ти февруари.


Горан Момироски

No comments:

Post a Comment

Lagadin protestira!