Tuesday, June 26, 2012

Македонски тим на Денали, Аљаска 2012











Aљаска, Денали – Мај – Јуни 2012
29.05.2012
Базел- Франкфурт – Анкориџ. Екипата составена од Илина Арсова, Илија Ристовски и Надир Мурсели пристигнува во Аљаска. Последни подготовки, купување храна и последни потребни работи од опрема, организирање на транспортот и пристигнувње до конечната дестинација – Талкитна.  Овде ноќеваме, а следниот ден имаме административни обрски и официјален воведен состанок со ренџерите од националниот парк. (Воведување на тимот во правилата и етичкиот кодекс на однесување во националниот парк).
30.05.2012
Слетуваме со авионче на базниот камп, кој се наоѓа во долниот дел на глечерот Калита на висина од 2200м. Веднаш продолжуваме кон камп 1 на 2375м. Во овој дел се минува глечерот со многу пукнатини – креваси, чија состојба и ниво на опасност зависи од количината на снег и надворешната температура поради која пукнатините се повеќе или помалку отворени. Се движиме во наврска од тројца. Овој дел се поминува со скии или крпљи поради движење врз мек снег.
Си легнуваме во 23:00ч, на видлива месечина и сосема белина.
31.05.2012
Тргнавме околу пладне кон камп 2. Го промашивме кампот кој делуваше доста пусто. Таму имаше само 2 шатори за кои мислевме дека го одбрале тоа место како алтернативно решение за ноќевање.  После 7ч пешачење со лошо време, магла и многу нов снег поставивме камп некаде пред камп 3 на околу 3300м.
Два дена пешачиме со тежок  товар за да стигнеме до висина од 3000м. Тоа е типично за оваа планина која има многу долг пристап, а скоро никакви логистички услуги. Целата опрема плус гас и храна за минимум 20 дена, плус санитарни додатоци пропишани од националниот камп, се носат на грб. Секој носи тежок ранец од околу 20-25кг истовремено влече санка со околу 30-50кг.  Според правилата на националниот парк Денали кои се многу строги и опасно се казнуваат, на планината не смее да се остави никаков отпад вклучувајќи човечки измет.  Отпадот се собира и се носи назад во градчето Талкитна, а за човечкиот измет има посебна процедура. Истиот се собира во специјални разградливи кеси кои потоа се фрлаат во означени длабоки пукнатини на глечерот.
Го поминавме глечерот Калитна , огромно бело пространство каде од сите страни зјаат длабоки креваси, во моментот задскриени со наталожени мостови од нов снег.
01.06.2012
Добредојдовте во блискиот округ на сверниот пол. Бели ноќи во права смисла на зборот. Не се стемнува навечер. Одиме и дење и ноќе, губиме ориентација на време и простор.
Конкретно денес е ден за одмор. Неколку пати се будиме со недостиг на кислород во шаторот целосно закопан под новиот снег.  Го откопуваме и пробуваме да функционираме. Се е мокро. Сите работи оставени надвор, ранци, храна и друга опрема, се’ е закопано под снегот. Шаторот нацицан со 1м нов снег почнува да пропушта по ѕидовите и да ги мокри нашите вреќи, јакни, чорапи...
Сушење во овие услови е скоро невозможно.  Дури и готвењето е доста отежнато. Носиме многу работи, подготвени сме за да чекаме добро време. Сепак тешко е и ладно ќе биде ако не се исушиме.
Околу пладне не огреа малку сонце. Зготвивме малку леќа и гравче во снегот и се обидуваме да се одржуваме хидрирани. Тоа е најбитно во процесот на искачување и при самата аклиматизација. Иако во овие моменти човек не сака ни да јаде ниту да пие, мора да се конзумираат течности и бар малку храна оти организмот троши калории при самото загревање на телото од ниски температури.
02.06.2012
Не снајде невреме ноќта на алтернативниот камп меѓу 2 и 3. Доста нов снег ноќта ги трупаше нашите шатори и силен ветер го замрзнуваше ледениот слој по ѕидовите на шаторот.
Јас не се чувствувам премногу енергично. Немам воља ни сила да излезам на студеното белило да го откопувам шаторот, ниту да стопам снег за чај. Јадеме претежно суво и нешто што се спрема лесно.  Првпат се чувствувам вака меланхолично додека сме опкружени со оваа убавина што гризе.  Планината и природата, нескротена и сурова, е навистина прекрасна, но јас овојпат не успевам да се поврзам со неа. Мислите ми се попречени  и тоа чувство ме засенува уште пред да тргнеме од Македонија.  Овој пат целата организација и финансиската неопходност да се бараат спонзори навистина не истошти.
Сепак продолжуваме понатаму, со добро темпо го газиме длабокиот снег. Пред нас скоро никакви траги. Полузатрупани стапчиња од стара маркација ни го покажуваат патот.  Стигнуваме до официјалниот камп 3 на 3350м. Конечно не огреа малку сонце. Живеам за тоа сонце, а приметувам дека  сите живнавме од топлината. Поставуваме камп на убаво место. Ги исушивме шаторите и опремата. Овде ќе преноќиме уште една ноќ со надеж дека времето ќе се поправи и снегот ќе се стабилизира. Вчера пукаа лавини и бела прашина се дигна од сите страни. Ренџерите во своите упатства не предупредија дека после нов снег 24ч не требе да има никаква качувачка активност.
Утре не чека долг ден до камп 4. Правиме планови во однос на опремата. Од утре почнува пострмен терен и со ранци плус санки движењето ќе биде доста отежнато.
Повторно снежи. Уште нов снег ја затрупува патеката по која треба да се движиме.
03.06.2012
Излегуваме од камп 3. Времето е сеуште лошо. Се пакуваме и чекаме подобрување. Има прозорче со ведро небо. Веднаш тргнуваме кон камп 4. Немаме претстава колкав пат не чека. Сите одат до некаде и оставаат дел опрема, па се враќаат по останатиот дел. Така на две-три тури се пренесуваат до камп 4. Тоа е добар тренинг и аклиматизација и веројатно се покажало како полесно движењето неколкупати со помал терет одколку се наеднаш.  Сепак ние се чувствувавме доста силни да се транспортираме целосно, наеднаш.  Успеавме да се спакуваме секој по еден тежок ранец и две доста товарени санки за тројцата. 
Денот траеше цела вечност. Со последни сили одевме нагоре. Исчекувавме кампот да се појави од некоја страна. Прво теренот поминуваше неколку стрмни брда до 4000м, потоа следи еден долг ветровит трверс наречен „Винди корнер“, па од таму минувавме низ отворени креваси газејќи по нивните „мостови“, додека лавини висат од сите страни. Конечно околу 22:30 после 8ч и 30 минути пешачење стигнавме на кампот 4.
04.06.2012
Денес одмараме. Се наоѓаме на 4350м во камп 4. Условите на оваа висина овде и на друга планина на пример на Химлаи се сосема различни. Во Непал на оваа висина и дури повисоко имавме импровизиран туш во кампот, додека овд сме облечени во перјани панталони и јакни. Летаат шатори како „кајтови“. Зависно од времето планинава може да се доживее многу различно.  Некои жени раскажуваа дека поминале доста лесно, од друга страна цело време сретнуваме други групи кои се враќаат поради лошо време. Се молам и надевам на добро време кое ќе потрае неколку дена за да успееме.
05.06.2012
Камп 4,  одмор. Посета до местото што го нарекуваат „крај на светот“.  Од таму надоле е огромна карпеста провалија и се гледа „касиновата насока“ која само неколкумина ја имаат искачено.
06.06.2012
Денес се качивме до 5000м за тренинг и аклиматизација. Го поминавме техничкиот дел кој е многу стрмен и се поминува на фиксни јажиња.  Сите чекаат да се поправи времето за на врв, па и ние.
Во кампот има доста работа за заштита на шаторите од невреме. Шаторот се поставува во длабоко ископана и израмнета дупка и околу него се гради заштитен ѕид од снежни цигли, против ветер. Повеќето групи на сличен начин поставуваат и заеднички шатор – за јадење и готвење, кој ние за жал го немавме на располагање па така имавме сосема импровизирани услови за подготовка и конзумирање оброк.
07.06.2012
Времето  личи доста мирно и сончево.  Се спремаме да одиме кон последниот висински камп пред врвот.  Но, до таму треба да ја пренесеме и целава опрема. Тоа е доста тешко оти од сега па нагоре веќе не се носат санки, се што досега транспортиравме на санки сега треба на грб: шатор, вреќи, јакни, храна и гас за уште неколку дена. На висинскиот камп на 5245м треба со нас да го носиме и мобилниот тоалет кој ни е даден од националниот парк, опишано погоре. Се качивме до кај 5100 метри на гребенот кон камп 5 кокга времето нагло се влоши. Повторно  снег и силен ветер. Се враќаме назад на камп 4.
Сите непријатности од физичка или психичка природа почнуваат да избиваат на површина. Чувствувам болка насекаде. Во главата, грбот, забите, колената, ноѕете ми се цели со рани и плускавци. Секојдневно трпиме доста студ и ветер.  Прв пат спијам со целосна топла облека на мене: перјани панталони, полар, јакна, плус дебела перјана вреќе за екстремни услови.  Си велиме да се живи и здрави луѓето кои ни ја позајмија целата оваа опрема што сега е со нас: Сашко Кедев, Јове Поповски, Серта, Вали, Вики, Цобе, Ренато и Шаго, Антракс и Мишко.
09.06.2012
11 Ден под снег. Спиење, јадење, нужда и цело останато импровизирано животно функционирање адаптирано врз снежното поле. Кога ќе излезе сонце околу 9:30 или подоцна шаторот почнува да се одмрзнува, да се топи а вреќите за спиење се сушат.  Но, некогаш сме затрупани  во снежна виулица или магла и облаци па сонцето не го гледаме многу. Тогаш сушењето е потешко, во шаторот се останува влажно и студот ни навира во коски.
Имаме уште неколку дена за чекање. Најдоцна на 15 треба да сме назад на базниот камп кај авиончето што ќе не однесе назад во Талкитна. Според  радиостаниците од базата и известувањата на ренџерите се очекува лошо време и силен ветер.  Ми станува се’ појасно дека немаме којзнае какви шанси. Се очекува понеделник – вторник како можни добри денови за преместување на камп 5 и од таму да се проба на врв. Размислуваме како опција и директно одење на врв од камп 4, што е сериозен подвик од преку 20ч пешачење.
10.06.2012
Според некои претпоставки и програма што си ја имав зацртано во глава на самиот почеток, денес требаше да бидеме на врв. Но немаме среќа. Сеуште сме закопани во снег, веќе 12 дена на планинава.  Мотивацијата и надежта кај сите нас почна да опаѓа. Многу групи одат надоле со неколку неуспешни обиди за врв.
11.06.2012
Силен ветер. Уште чекаме.  Можеби утре ќе биде подобро. Нашите комшии Унгарци вчера се обиделе од камп 5 и стигнале 300 метри под врвот кога морале да се завртат назад и да се вратат поради силен ветер, многу снег и слаба видливост.  Сега си отидоа надоле па ни оставија нешто храна, чоколади, супа итн. Со храната веќе сме при крај така што секоја донација од страна добро ни доаѓа.
Релноста е деке скоро две недели никој не се качил на врв. Овде има стотици качувачи поединци како и национални експедиции од целиот свет. Многумина се со поголемо искуство од нашето, други се врвни спортсисти спонзорирани од најдобрите светски компании за спортска опрема. Меѓу нас се и ренџерите кои добро ја познаваат планината но сега исто како нас трпеливо чекаат добро време.  Има неколку комерцијални групи со водичи кои исто така добро ја познаваат околината, но ни тие не се осмелуваат да одат нагоре.  Од друга страна има и групи или индивидуалци кои и претходно не успеле и по пети, шести пат се обидуваат да го достигнат врвот.
Планината е доста специфична и многу поразлична од се што досега сме виделе и искусиле. Насоката технички не е комплицирана во однос на нашите претходни искуства и достигнувања. Неколку пати го поминавме техничкиот дел за тренинг, аклиматизација и подобро запознвање со теренот.  Знаеме дека сме подготвени и можеме да го качиме врвот во нормални временски услови. Токму специфичната микро клима и непостојаните временски услови го прават Денали толку недостапен. 
Количината на снег си има свои добри и лоши страни. Повеќе снег во долниот дел на глечерот прави постабилни мостови врез пукнатините на глечерот побезбедни за движење, додека во горниот дел голема количина на снег го прави теренот по тешко прооден и ја зголемува опасноста од лавини.
12.06.2012
Температурите паѓаат нагло. Пред некој ден имавме – 5С во шатор а ноќеска дури -11С. Денес неколку дечки од Универзитетот на Анкораџ, доктори и истражувачи, пливаа во лавина. За среќа  завршија со лесни повреди. Лавините фрштат на сите страни а денес се спуштија и до нашиот камп. Додека бевме во шатор го слушнавме гласот на Надир „Излегувајте надвор!“ кога излеговме, бела прашина околу нас. Полека но сигурно се соочуваме со фактот дека врвот ни станува се по недостижен.
.....
Веќе не знам која дата е, но дојде и долго најавуваниот вторник кој според прогнозата требаше да биде „по сув“ и стабилен. За жал овде никој не може да се ослони на прогнозата која е толку непредвидлива и променлива. Условите стануваат се по страшни и позаканувачки. Вторникот  го донесе најголемото невреме до сега проследено и со несреќни случаи. Лавините проработеа со себе понесувајќи човечки жртви. Некои се извлекоа со помали повреди, а некои својата душа за секогаш ја оставија на снежното поле. 
Одвај ја поминавме ноќта и донесовме конечна одлука да се повлечеме.
Тоа беше и крајот на нашата трпеливост и надеж за успех до врвот.  Чекаме другите групи предводени од искусни водичи да тргнат пред нас, да ја разгазат патеката по длабокиот снег. Сите се свесни за опасноста од лавини и одат претпазлливо добро одбирајќи стабилен период од денот за движење надоле.
После вкупно 16 дена на планината од кои 11 дена над 4300м, одлучивме да тргнеме надоле.
Слегуваме надоле но движиме нагоре. Последното брдо пред базниот камп, исцрпно и долго со скоро истиот товар, но намалена тежина без храна и гас.
Одевме десетина часа се додека не стигнавме назад во базниот камп околу 4 часот наутро.
Тоа е веќе контакт со цивилизација и по четириесет минутниот лет назад до Талкитна попладнето на 14 Јуни, се соочивме дека експедицијата за нас и за многу други оваа сезона заврши. Навидум ни личеше дека планината се отвори токму кога ние слеговме. Но, сега веќе доле во градчето Талкитна, одморени, најадени, напиени и истуширани дознаваме дека не било баш така. Дознаваме за страшната несреќа со Јапонците чии тела сеуште ги браат, додека скоро сите останати групи од камп 4 се повлекле.
За жал без врв, но со богати искуства кои ни даваат кураж да се обидеме повторно. Искуствата стекнати на МекКинли со сигурност ќе ни послужат и во другите подвизи во иднина.
Денали останува мој предизвик кој се надевам следниот пат ќе ме пречека со поголема гостопримпливост и попријатна клима.
Оваа експедиција ја поддржаа: Општина Карпош и Американската амбасада на РМ, без чија помош овој подвиг не можеше ни да се замисли. Здравите производи и додатоци во исхрана на Мак Фит и Кали Вита не крепеа и одржуваа јаки постојано за време на подготовките и искачувањето.  

Дневникот и извештајот се пишувани дел на македонски дел на англиски јазик. За комплетен извештај комбинирајте ги двете верзии.

No comments:

Post a Comment

Lagadin protestira!